Фридрих Енгелс

Пивски нереди во Баварија


Извор: "Bavaria", The Northern Star, No. 341, May 25, 1844, p. 6, со уредничка забелешка: „Од нашиот дописник”
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: февруари 2026.


Баварското пиво е најпознатото од сите видови на овој пијалок што се приготвува во Германија и, секако, Баварците се многу зависни од неговата потрошувачка во прилично големи количини. Владата воведе нова давачка од околу 100 шилинзи ad valorem на пивото и како последица на ова се случи ерупција на незадоволство, што траеше повеќе од четири дена. Работниците се собраа во големи маси, парадираа по улиците, ги напаѓаа јавните установи, кршејќи ги прозорците, распарчувајќи го мебелот и уништувајќи сè што им беше на дофат, со цел да се одмаздат за зголемената цена на нивниот омилен пијалок. Беше повикана војската, но коњаничкиот полк, кога му беше наредено да ги јавнат коњи, одби да го стори тоа. Полицајците, бидејќи се, како и насекаде, непријателски настроени кон народот, беа сурово претепани и лошо третирани од бунтовниците, а секоја станица што претходно ја држеа полицајците мораше да ја преземат војници, кои, бидејќи беа во добри односи со народот, се сметаа за помалку непријателски настроени и покажуваа очигледна неподготвеност да се вмешаат. Тие се вмешаа само кога беше нападната палатата на кралот, а и тогаш единствено зазедоа таква позиција што беше доволна за се задржат бунтовниците. Втората вечер (2 мај) кралот, во чие семејство штотуку беше прославена венчавка и кој поради оваа причина имаше многу видни посетители на својот двор, го посети театарот; но кога, по првиот чин, пред театарот се собра толпа и се закани дека ќе го нападне, сите ја напуштија зградата за да видат што се случува, а Неговото Височество, со своите видни посетители, беше принуден да ги следи, инаку ќе останеше сам на своето место. Француските весници тврдат дека кралот во оваа пригода им наредил на војниците стационирани пред театарот да пукаат врз народот, а дека војниците одбиле. Германските весници не го споменуваат ова, како што и може да се очекува бидејќи се објавуваат под цензура; но бидејќи француските весници понекогаш се прилично лошо информирани за настаните во странство, не можеме да ја потврдиме вистинитоста на нивното тврдење. Сепак, од сето ова се чини дека кралот-поет (Лудвиг, крал на Баварија, е автор на три тома нечитливи песни, на туристички водич за една од неговите јавни згради, итн. итн.) се нашол во многу незгодна положба за време на овие ерупции на незадоволство. Во Минхен, град полн со војници и полицајци, седиште на кралскиот двор, имаше немири што траеја четири дена, наспроти целата таа војска, – и на крајот бунтарите ја наметнуваат својата волја. Кралот го врати мирот преку указ, намалувајќи ја цената на четврт пиво од десет кројцери (3 1/4 пени) на девет кројцери (3 пени). Ако народот еднаш научи дека може да ја исплаши власта да го промени својот даночен систем, наскоро ќе научи дека ќе биде лесно да ја исплаши да направи промени и во однос на посериозни работи.